Поранешниот УФЦ шампион, Хабиб Нурмагомедов тврди дека неговиот пријател Кристијано Роналдо му открил дека повторно ќе игра за Манчестер јунајтед еден месец пред 36-годишниот Португалец да се врати на „Олд Трафорд“.
Роналдо направи изненадувачко враќање во својот поранешен клуб по шпекулациите дека ќе потпише за лутиот ривал Манчестер сити, но Нурмагомедов вели дека воопшто не е изненаден и дека пред неколку недели Португалецот му кажал дека ќе се врати кај „ѓаволите“.
„Уште пред еден месец ми кажа дека ќе оди во Манчестер јунајтед, така што го очекував договорот. Мислам дека Манчестер јунајтед е подобро место за него од Јувентус и воопшто не бев изненаден“, вели Хабиб во Москва.
Хабиб, кој е страствен навивач на Реал Мадрид, вели дека е близок пријател со Роналдо (кој пак е огромен фан на ММА борбите) и дека зборуваат „речиси секој ден“.
„Зборуваме многу често, речиси секој ден, но кога се сретнавме тој ми кажа од каде ја добива мотивацијата и ми откри дека сака неговиот син да му биде наследник. Кога Кристијано беше дете, можеше да сонува само за обични копачки, но неговиот син има се што ќе посака и стравува дека нема да ја има истиот глад за успех и истата волја како него. Луѓето се движат со таа волја, со желбата да се остварат работи и тешко се наоѓа мотивацијата. Уживав да го слушам како зборува. Сфатив дека е човек кој не е задоволен со една, две титули“, објаснува Хабиб.