Тајсон Фјури имал сериозни повреди на двата лакти пред историскиот трет меч против Дионтеј Вајлдер и тренирам само три и пол недели под дејство на инјекции кортизон, а по мечот веднаш бил на шестчасовна операција, открива неговиот татко, Џон Фјури.
„Џипси кинг“ на совршен начин ја заврши трилогијата со Вајлдер, откако преживеа два нокдауни за да го прати Вајлдер на подот во 11. рунда и да ја одбрани ВБЦ титулата во меч кој веднаш доби статус на „легендарна“ пресметка.
„Тоа не беше вистински боксерски меч. Тајсон беше сериозно повреден пред мечот. Мораше да добие кортизонски инјекции во двата лакта. Потоа беше на операција, шест часа беше во болница. Мислам дека имаше некои коскени израстоци кои требаше да бидат отстранети, така што од почеток беше хендикепиран. Боксерското планирање отиде во аут, бидејќи знаеше дека ќе биде во болки од стартот на мечот. Но, во очите му се гледаше дека сакаше само да бара и да уништи. Затоа беше толку забавно за публиката“, вели Џон Фјури.
Тоа не беше единствен проблем на Фјури пред мечот – тој прво беше позитивен на КОВИД-19 во јули, а во август го доби своето шесто дете, ќеркичката Атена, која веднаш по раѓањето беше однесена на одделот за интензивна нега, и тој го откажа својот тренинг-камп.
„Мислам дека имаше вкупно три и пол недели за тренинг. Кога бевме во болницата во Ливерпул со неговата ќеркичка беше на дното. Само четири недели подоцна го направи тоа. Дали беше фит? Не, но тоа не беше важно“, додава таткото Фјури.