Министерството за надворешни работи на Кина во петокот објави дека тие не се запознаени со контроверзите околу тенисерката Пенг Шуаи, која наводно „исчезна“ откако обвини висок функционер на Комунистичката партија за сексуален напад.
Портпаролот на министерството, Жао Лиџијан изјави дека тоа не е „дипломатско прашање“ и дека лично не е запознаен со ситуацијата.
Пенг, 35-годишната поранешна тенисерка број 1 во двојки со титули од Вимблдон во 2013 и Ролан Гарос во 2014, се „јави“ со писмо до претседателот на ВТА турнејата, Стив Сајмон, но тој се сомнева во веродостојноста и најави дека женската турнеја може да ја бојкотира Кина доколку не се „пронајде“ Пенг.
„Ние дефинитивно сме подготвени да го повлечеме нашиот бизнис од Кина и да се соочиме со сите компликации кои го носи тоа. Ова е поголемо од бизнисот, жените мораат да бидат почитувани, а не замолчувани“, изјави Сајмон за „Си-ен-ен“, иако потврди дека Кинеската тениска федерација им потврдила дека Пенг е во Пекинг и дека ништо лошо и се нема случено.
Во исто време, легендарната Серена Вилијамс на социјалните мрежи ја поддржа кампањата за Пенг.
„Шокирана сум од вестите за Пенг Шуаи. Се надевам дека е безбедна и ќе биде пронајдена што е можно побргу. Не смееме да останеме тивки. Праќам љубов до нејзе и до нејзиното семејство во ова тешко време“, напиша Вилијамс.
I am devastated and shocked to hear about the news of my peer, Peng Shuai. I hope she is safe and found as soon as possible. This must be investigated and we must not stay silent. Sending love to her and her family during this incredibly difficult time. #whereispengshuai pic.twitter.com/GZG3zLTSC6
— Serena Williams (@serenawilliams) November 18, 2021
Се јави „исчезнатата“ кинеска тенисерка Пенг: Се одмарам, не објавувајте лаги