Македонската кошаркарска репрезентација го загуби и вториот меч во квалификациите за Светското првенство во 2023 година, кога по одличното прво полувреме, момците на Драган Бајиќ потфрлија целосно во второто, посебно во последната четвртина за 75:61 пораз на гости од Украина.
Македонија имаше постојано водство во првото полувреме, кое достигна до +8, но потоа во второто полувреме, Украинците го кренаа нивото, а ние со нашите грешки дозволивме да направат разлика и да стигнат до својата прва победа по поразот од Грузија во првото коло. Македонија, очекувано, загуби од фаворитот Шпанија во првиот меч во Скопје.
Бојан Крстевски беше најефикасен со 14 поени, Џејкоб Вајли додаде 12, а Адем Мекиќ уфрли 10 во меч со многу промашувања и слаба прецизност од двете репрезентации. За Украина најефикасен беше Артем Пуствој со 18 постигнати поени.
Фото: ФИБА