Top Sport

Роналдо покажува крајно непочитување кон навивачите на Јунајтед

Манчестер јунајтед вчера повторно ги разочараа своите фанови со 1:1 ремито кај 19-пласираниот Њукасл, но однесувањето на Кристијано Роналдо многу повеќе разочара дел од фановите кои отпатуваа далеку да го гледаат.

Веднаш по крајот на мечот, во кој Њукасл заслужи да стигне до трите поени, дел од фудбалерите на Јунајтед ги поздравија 3.000 фанови кои отпатуваа речиси 200 километри на лошо време да ги гледаат своитемиленици. Но, не и Кристијано Роналдо.

„Срамота за тие“, напиша новинарот и уредникот на фанзинот на Јунајтед, Енди Митен, посочувајќи дека и претходно Роналдо си заминува без поздрав до навивачите – на гости кај Челси и дома против Евертон.

Дури и неговиот поранешен соиграч, Гери Невил се приклучи на критиките.

„Не можеш да избегаш на крајот на мечот. Секогаш го сакам тоа момче, тој е најдобриот кого сум видел, но не бегај така. Не го прифаќам тоа“, изјави Невил.

Дел од навивачите го правдаат Роналдо велејќи дека однесувањето произлегува од желбата за победа и за освојување на трофеи. Дел од навивачите на Јунајтед паметат дека пред неговото емотивно враќање на „Олд Трафорд“ тој беше блиску до договор со лутите ривали Манчестер сити, а уште понавредливи беа денешните шпекулации дека наводно тој се „нудел“ на Барселона за трансфер во јануари.

Scroll to Top