Русија имаше совршен старт на домашниот Мундијал, ставајќи ги сите стравувања за лош настап со лесна 5:0 победа над Саудиска Арабија во првиот меч од СП на прекрасниот и преполн стадион „Лужники“ во Москва.
Од составот на Станислав Черчесов не се очекува да направи чудо на првенството, и Русите реално би биле среќни само ако се мине групата А, во која уште се и Уругвај и Египет, кои утре го играат својот меч. Ако се гледа од утрото, Русите можат да се надеваат дека групата ќе биде помината.
Јуриј Газински ги израдува навивачите уште во 12-тата минута од мечот, кога постигна одличен гол, оправдувајќи ја довербата на селекторот, бидејќи не се очекуваше фудбалерот на Краснодар воопшто да биде во составот.
Напаѓачот на Вилјареал, Денис Черишев влезе во игра во 23. минута по загрижувачката повреда на Алан Ѕагоев, за целосно да ја искористи шансата кога во 43. минута предизвика „хаосот“ во саудиската одбрана, убаво „легнувајќи“ двајца дефанзивци за да постигне убав гол за 2:0.
Во второто полувреме на сцена стапи уште еден „резервист“ – Артјом Ѕјуба, кој во 70. минута влезе на местото на Фјодор Смолов за само една минута подоцна да постигне убав гол со глава.
Русија имаше фантастична завршница на мечот, откако прво во 91. минута Черишев постигна фантастичен гол по асистенција на Ѕјуба, а во 95. минута Александер Головин го комплетираше одличниот меч за него со убав гол од слободен удар.
Фото: ЕПА