Легендарниот аргентински напаѓач, Габриел Батистута, предупредил дека „гаучосите“ не можат да се потпрат само на услугите на Лионел Меси доколку сакаат да стигнат до самиот крај.
Аргентина во квалификациите за светското првенство, на натпреварите што ги одигра без Меси, освои само седум од можните 24 бода, додека со него во тимот од можните 30 освои 21 бод.
„Меси е фудбалер што може да игра во секој тим. Него секој го сака во составот. Меѓутоа опасно е доколку се потпрете сема на неговите квалитети. На светското првенство ќе се соочиме со силни екипи и Меси нема да биде доволен за да се забележи победа“, рекол Батигол.
Фудбалската јавност во Аргентина со месеци полемизира кој играч треба да играч треба да го предводи нападот. Кандидати има многу од Агуеро, преку Игуаин и Дибала, додека Икарди и Лаутаро Мартинез не добија повик од селекторот за да настапа во Русија. Батистута нема дилеми кој играч би требало да игра во врвот на нападот.
„Убаво е кога имате широк избор. За селекторот тоа се „слатки маки“, бидејќи другите репрезентации немаат толку опции. Но јас немам дилема, за мене број 9 е Игуаин“, дополнил Батистута.
Еден од најдобрите напаѓачи во историјата на аргентинскиот фудбал, за националниот тим има постигнато 54 гола. Батистута е единствениот фудбалер што на две различни светски првенства постигнал хет-трик.
Аргентина првиот меч на СП ќе го одигра в сабота од 16 часот, во Москва, против Исланд.