Иако многу се очекуваше од младата и напаѓачки ориентирана репрезентација на Франција на Мундијалот, првиот меч не помина најдобро за „триколорите“, кои едвај стигнаа до 2:1 победа над Австралија благодарение на одличниот гол на Пол Погба.
Погба беше на удар на критичарите пред стартот на Мундијалот поради неговата непостојана форма за Манчестер јунајтед и за репрезентацијата, но во мечот против „сокерус“ токму тој беше човекот на одлука за да го спаси „образот“ на селекторот Дидие Дешам.
Франција почна со притисокот на голот на Австралија уште од почетокот на мечот, но сепак не успеа да воодушеви. Австралијците за малку ќе стигнеа до неочекувано водство во 17. минута кога Толисо ќе си постигнеше автогол, а до крајот на полувремето тие похрабро влегоа во напад.
Сепак, за голови се чекаше до стартот на второто полувреме, кога беа досудени два пенали за само пет минути. Прво, Гризман беше соборен во шестнаесетникот на Австралија, по што првпат на еден Мундијал се повика ВАР системот за помош на судиите, по што беше покажано на белата точка. Гризман беше сигурен од белата точка за водство за Франција.
Но, Австралија бргу се созеде, откако веќе во 60. минута беше досуден пенал за нив по играта со рака на Самуел Умтити во шестнаесетникот. Ветеранот Миле Јединак беше сигурен за израмнување и за зголемување на притисокот на фаворитите.
Дешам реши да реагира со тоа што ги извади од игра Гризман и Дембеле, а на нивно место влегоа Оливие Жиру и Набил Фекир. Ова не донесе големи промени во играта на Франција, и на секој нивни напад, Австралијците одговараа со иста мерка.
Тогаш на сцена стапи Погба, кој во 81. минута по едно проигрување со Жиру со одличен лоб-удар го совлада голманот Метју Рајан погодувајќи ја пречката, по што топката влезе зад гол-линијата.
До крајот на мечот, Франција продолжи со нападите, но на крајот мораше да се задоволи со тешко извојуваната победа. Во групата со Франција и Австралија се уште Перу и Данска, кои го играат својот прв меч од 18 часот.
Фото: ЕПА