Поранешниот ас на Манчестер сити, Серхио Агуеро открива дека не верува дека повторно ќе може да трча во животот и дека му е постојано страв дека срцето не му работи регуларно, откако беше приморан да се пензионира.
33-годишниот Агуеро, кој минатото лето како слободен играч пристигна во Барселона, се пензиоираше во декември, откако прво почна да има проблеми со болки во градите и со дишењето на меч од Ла лига против Алавес на 30 октомври. По ова, му беше дијганостицирана срцева аритмија и сега првпат се отвори за неговата состојба.
„Ако се обидам да играм фудбал сега, ќе останам без здив. Понекогаш се прашувам дали некогаш повторно ќе можам да спринтувам. Чувствувам дека моето срце не работи исправно. Првите 15 дена беа ужасни. Прво мислев дека не е проблем и ќе бидам во ред, но потоа ме однесоа во болницата каде што останав сам со тие машини. Сфатив дека нешто е сериозно и почнав да бидам нервозен“, им објасни тој на фановите преку „Твич“.
Агуеро во 2006 година блесна на сцената со настапите за Атлетико Мадрид, пред во 2011 да се пресели во Манчестер сити, со кои освои пет титули од Премиерлигата, постигнувајќи 260 гола во 390 настапи.