Поранешниот Ф1 возач, Данил Квјат нема да се натпреварува во Светскиот ендуранс шампионат (ВЕЦ) во 2022 година, откако Русинот реши да го следи примерот на неговиот колега, Роман Русинов со одбивање да се потпише „понижувачкиот“ документ од страна на ФИА.
Поранешниот возач на Ред бул и Торо росо, Квјат, кој минатата сезона беше резервен возач на Ф1 тимот на Алпине, оваа сезона требаше да настапува за рускиот „Џ-Драјв“ тим, поддржан од руската нафтна компанија „Газпром“ со Александер Крилов како шеф на тимот и со Роман Русинов како возач.
По избивањето на војната во Украина, ФИА беше една од ретките светски спортски федерации кои целосно не ги успендираа Русите, туку решија сите руски натпреварувачи да потпишат „Посветеност на неутралност и мир“, документ со кој се обврзуваат да не поставуваат руско знаме на своите автомобили, облека или социјалните мрежи и да не даваат поддршка, директна или индиректна на активностите на Русија и на рускиот претседател Владимир Путин.
Квјат, заедно со Русинов одбија да го потпишат документот, а Русинов преку социјалните мрежи објави дека се работи за „класична дискриминација“.
„Денеска одбивам да ги потпишам дискриминаторските услови на ФИА. Целта на сите спортисти е да се слушне нивната химна на подиумот. По над 10 години искуство, нашиот тим го правеше тоа. Го кревавме руското знаме, ја слушавме и пеевме руската химна. За доброто на моите фанови, совозачи и спортска чест, нема да потпишам ваков документ. Подобро воопшто да не возаам“, напиша Русинов.
Претходно, американскиот тим Хас го потврди отказот за Никита Мазепин, уште еден руски возач, откако не смееја да ја имаат компанијата на неговиот татко, „Уралхем“ како спонзори поради поврзаноста со Русија.