Роман Абрамович нема да се откаже од фудбалот по санкциите кои го примораа да го стави на продажба европскиот шампион Челси, откако турските медиуми тврдат дека е заинтересиран да го купи прволигашот Гозтепе, каде што настапува македонскиот напаѓач Адис Јаховиќ.
Според „Си-ен-ен Турк“, Абрамович неодамна пристигнал во Турција (од Израел) за да преговара со Мехмед Сепил, претседателот на Гозтепе. Сепил го купи клубот од Измир за 7.5 милиони долари во 2014 година, и во 2017 ги однесе првпат во Турската Суперлига.
67-годишниот Сепил во понеделникот си поднесе оставка од клубот, објавувајќи дека ќе ги исполни сите ветувања до крајот на сезоната во мај.
„Мојот приоритет е да формираме нов менаџерски тим кој ќе го преземе Гозтепе и ќе го крене на повисоко ниво од тоа каде што сега се наоѓа клубот со нов ентузијазам“, изјави тогаш Сепил.
Јаховиќ, според турските медиуми е најплатениот фудбалер во Гозтепе.