Top Sport

Топспорт во Палермо: Македонија сонува за мундијал – Патот за СП води преку Италија

Топспорт во Палермо,
Никола Ѓуровски

Историјата ја пишуваат победниците. Ако фудбалската репрезентација на Македонија вечерва (20.45 часот) во Палермо успее да ја елиминира Италија, актуелниот европски првак, на патот кон Светското првенство, тоа дефинитивно ќе се учи и во учебниците, не само спортските, во нашата земја. Ќе биде тоа уште една убава страница од македонската историја.

Спортот е игра, но фудбалот е нешто многу повеќе, а остварувањето на сонот за пласман на едно Светско првенство, е предизвикот што го имаат македонските фудбалски репрезентативци.

Ако успеат, ќе биде сензација, дури и ако не успеат, веќе доволно направија за сите да се чувствуваме горди.

„Горд сум што ќе ја предводам фудбалската репрезентација на Македонија во баражот за пласман на Светско првенство, и тоа против европскиот првак Италија. Поголем мотив, едноставно нема. Подготвени сме максимално, фокусирани, да го дадеме максимумот и да се обидеме да направиме ново чудо. ја чувствуваме поддршката од фановите и ќе играме до последен здив“, порача капитенот Стефан Ристовски во име на сите репрезентативци.

Селекторот Благоја Милевски уште пред два дена истакна дека го знае старниот состав. Веќе нема никакви дилеми дека на теренот на стадионот „Ренцо Барбера“ во Палермо ќе истрчаат следните единаесетмина: Димитриевски, С. Ристовски, Велковски, Муслиу, Алиоски, Адеми, Николов, Барди, Чурлинов, М. Ристовски, Трајковски.

Италијанскиот стратег Роберто Манчини беше таинствен, но предвидлив е и тимот на „аѕурите“. На голот е Донарума, а потоа следуваат Флоренци, Бастони, Мансини, Емерсон, Жоргињо, Верати, Барела, Берарди, Имобиле, Инсиње.

Натпреварот меѓу Италија и Македонија е закажан за 20.45 часот, а ќе го суди францускиот арбитар Клемон Турпан.

Scroll to Top