Оптимизам владее во таборот на Работнички, во пресрет на првиот натпревар со Хонвед, во Лига Европа. Шефот на стручниот штаб на Работнички, Ѓоре Јовановски верува неговите избраници можат да го елиминираат Хонвед.
Јовановски на прес-конференцијата потенцираше дека најважно е како Работнички ќе одигра на овој двомеч. Многу нешта околу конечниот исход ќе зависат токму од тоа.
„Искрено верувам дека ќе успееме во оваа европска пресметка, иако кога ни падна Хонвед можеби многумина и не прежалија. Јасно е дека го почитуваме противникот, но веруваме и во своите квалитети. Најважно е ние како ќе одиграме, иако Хонвед добро го анализиравме. Мислам дека имаме реални шанси да одиме понатаму. Има 180 минути игра во која многу нешта ќе одлучуваат. На теренот ќе се каже се“, истакна Јовановски.
Мислењето на тренерот го дели и капитенот на тимот, Остоја Стјепановиќ.
„На нас е да го дадеме максимумот. Имаме квалитет, работевме напорно во текот на подготовките, мислам дека сме добро воиграни и ќе дадеме се за да се пласираме во следното коло. Хонвед е квалитетен тим, но и ние имаме верба во себе. Секако посакуваме триумф на првиот меч во Скопје. Во голема мера резултатот од овие дуели ќе зависи од нас самите“,истакна Стјепановиќ.
Првиот натпревар од двојната пресметка меѓу Работнички и Хонвед се игра утре од 17:30 часот на игралиштетот на тренинг центарот на ФФМ, „Петар Милошевски“ во Скопје. Реваншот е на 17. јули во Будимпешта.
извор: fkrabotnicki.com