Освојувачот на рекордни 21 гренд слем титули и легенда на Ролан Гарос, Рафа Надал лесно го мина првиот тест на физичка подготвеност на турнирот во Париз, победувајќи го Џордан Томпсон со 6:2/6:2/6:2, без да има знаци на повредата на реброто и на стапалото.
35-годишниот Шпанец одигра само пет меча на земја пред да пристигне на Ролан Гарос, најмалку во неговата кариера, но го започна обидот за 14-та титула во Париз на „Филип Шартие“ со рутинска победа над Австралиецот Томпсон, негова 299. гренд слем победа во кариерата.
„За мене е неверојатно што уште еднаш играм тука. Среќен сум што имав победа во три сета, и секогаш е олеснување да се мине во првото коло“, вели Надал.
Следен за Шпанецот ќе биде Французинот Корентин Муте, кој со 2:6/6:3/7:6(2)/6:3 го совлада поранешниот шампион на турнирот, 37-годишниот Швајцарец, Стен Вавринка. Трикратниот гренд слем шампион, кој ја освои титулата во Париз во 2015 година, неодамна се врати на тенисот по операцијата на левото стапало, и имаше само четири АТП меча пред настапот во Париз.
Вечерва, во првата ноќна сесија на Ролан Гарос, Новак Ѓоковиќ ја почнува одбраната на својата титула против Јапонецот Јошихито Нишиока.