Младата фудбалска репрезентација на Македонија до 21 година вечерва (19.45 часот) во Истанбул, Турција, ќе го одигра последниот дуел од квалификацискиот циклус за пласман на ЕП 2023 во Романија и Грузија. Избраниците на селекторот Драги Канатларовски во последното коло од групата Х силите ќе ги одмерат со силната селекција на Украина.
Првиот натпревар што го одиграа овие две репрезентации, на тренинг центарот „Петар Милошевски” заврши нерешено 1:1. За нашата селекција на тој натпревар стрелаше Томче Гроздановски, кој во меѓувреме доби повик во А репрезентацијата на Македонија.
Селекцијата на Македонија до 21 година зеде залет по триумфот над Ерменија (3:1), а сега сака позитивно да го заокружи овој циклус.
Тимот на селекторот Драги Канатларовски ќе биде ослабен со неиграњето на офанзивецот Арби Воша кој се пожали на повреда.