Поранешниот Ф1 возач, Никита Мазепин откри дека го тужи својот поранешен тим, Хас Ф1, бидејќи американскиот тим не му ги исплатил платите.
На 23-годишниот руски возач му беше раскинат договорот во март пред стартот на неговата втора Формула 1 сезона, во исто време кога Хас го раскина договорот со „Уралкали“, руската компанија за вештачко ѓубриво на чие чело е Дмитриј Мазепин, таткото на тркачот. „Уралкали“ исто така побараа враќање на 13 милиони долари кои ги дадоа како спонзорство на тимот, а сега Мазепин има посебна тужба за неисплатените плати.
„Кога ми го раскинаа договорот, Хас требаше да ми ги исплатат платите за 2022. Тоа е неостварување на договореното. Имавме два посебни договори и спонзорскиот договор немаше врска со мојата плата. Затоа одиме на суд“, изјави Мазепин за руската „РБЦ“.
Покрај отказот и раскинувањето на договорот, Дмитриј и Никита Мазепин се и на мета на санкциите на Европската Унија, кои беа поставени по разделбата со Хас.