Македонскиот кошаркарски стратег Емил Рајковиќ денеска ја има промовицијата како нов тренер на осумкратниот европски шампион ЦСКА Москва.
„Да се биде тренер на ЦСКА Москва е голема чест, но и одговорност. Би рекол дека за мене е и награда за сè што сум постигнал досега. На фановите сакам да им порачам дека сум среќен што пристигнав тука, а иако нема да играме во Евролигата, сепак очекувам возбудувања во ВТБ-лигата. Главна цел ќе ни биде агресивна одбрана, но и брзи напади. Мислам дека ќе биде интересно за навивачите, но и корисно за клубот. Мој сон во тренерската кариера беше да работам во клуб на нивото на ЦСКА. Сега, кога таа цел е остварена, не е само да поминам одовде, туку да останам колку е можно повеќе, да постигнеме заеднички успеси и да имаме добра атмосфера во тимот“, изјави Емил Рајковиќ.
Не доаѓа секој ден понуда од еден од најдобрите европски клубови, но вели дека жртва секогаш е семејството.
„Одлуката беше тешка само од приватен аспект. Моите ќерки учат во училиште во Скопје и имаат другари таму. Сопругата веројатно ќе дојде во текот на сезоната, но сега е потешко од порано бидејќи девојчињата се повозрасни, тешко им паѓа постојаната преселба, а порано живеевме и во Полска, во Казахстан“, истакна Рајковиќ.