Пари Сен Жермен во новата сезона ќе влезе со нов тренер. Поранешниот шампион со Лил, Кристоф Галтие, ќе биде тренер на „светците“, а неговиот тим почна да се формира.
Прв во Париз пристигна португалскиот играч за врска Витиња. Сопственикот на ПСЖ, Насер Ал-Хелаифи за трансферот на Витиња издвои 40 милиони евра, а договорот со него ќе биде потпишан до летото 2027 година.
22-годишниот фудбалер минатата сезона „експлодира“ во дресот на Порто со кој ја освои двојната круна во Португалија и го привлече вниманието на богатите клубови ширум Европа, а најконкретен е шампионот на Франција.
Ова е само почеток на шопингот во Париз. ПСЖ е во сериозни преговори со стоперот на Интер, Милан Шкриниар, па одличниот словачки стопер наскоро би можел да замине на „Паркот на принцовите“. ПСЖ треба да издвои најмалку 70 милиони евра.
Заедно со Шкриниар, од Италија во Париз би можел да замине и напаѓачот на Сасуоло, Џанлука Скамака. Клубовите треба да се договорат околу сумата за обештетување. Сасуоло сака 40 милиони евра, ПСЖ засега нуди нешто помалку.
Покрај тандемот од Италија, Кристоф Галтие во Париз повторно би можел да соработува и со Португалецот Ренато Санчез. Играчот од средниот ред на Лил кој беше еден од клучните играчи во шампионската сезона 2020/21, веќе беше виден во дресот на Милан, но ПСЖ му ги расипа плановите на италијанскиот шампион. Сега Санчез е на чекор да стане нов „светец“.