Академија Пандев го заврши настапот во Европа уште во првото коло од Конференциската лига на УЕФА откако доживеа два порази од полскиот тим Лехија Гдањск. По натпреварот, тренерот Ѓорѓе Стојчев ги расчисти дилемите околу најавите за фузирање со постариот струмички клуб Беласица.
„Ние немаме такви информации, околу некои шпекулации за фузирање со Беласица. Имавме состанок со сопственикот Горан Пандев, кој сето тоа впрочем и го демантираше. Колку што знам, има најави за влез на инвеститор во Академија Пандев кој сака да вложи на долги патеки, а ние сите секако посакуваме клубот да опстои“, изјави Стојчев.
Тој вели дека жали за пропуштените шанси на двомечот со Лехија Гдањск иако јасно е дека полскиот претставник покажа поголем квалитет.
„Сакавме да дадеме брз гол на овој втор меч, можеби тогаш сѐ ќе беше различно. Влеговме во шанси, но изостана реализацијата. Сепак, ова е едно големо искуство за младите фудбалери“, дополни тренерот на Академија Пандев.