Македонскиот фудбалски шампион Шкупи доживува вистинска голгота во Ирска. Нашиот тим и покрај платениот чартер не доби дозвола да слета во Даблин каде што треба да го одигра натпреварот, туку беше принуден на следување на 300 километри оддалеченост, по што следуваше патување со автобус. Поради тоа од Шкупи преку соопштение реагираат на третманот и бараат реакција од Министерството за надворешни работи.
„Нашиот тим се соочи со непристоен и измамнички чин. Се обидовме на нашите играчи да им овозможиме удобно патување, резервиравме чартер лет и плативме илјадници евра, се со цел играчите да пристигнат во добра состојба. Но, ирската влада не ја послуша УЕФА. И покрај интервенцијата, Ирците го приземјија нашиот авион на 300 километри од Даблин, и ни приредија незаслужен третрман. Исто така по натпреварот, треба повторно да патуваме 300 километри. Тоа не е направено на ниту еден тим, освен на нашиот“, се вели во реакцијата од Шкупи.
Клубот им порача на домаќините дека и покрај се, играчите ќе покажат карактер.
„Нема да паднеме на ваквите евтини трикови, но сметаме дека ваквите работи не смеат да останат неказнети. Дали вака ќе се однесуваа кон некоја италијанска, германска или англиска екипа?“, прашуваат од тимот од Чаир.
Тие бараат од македонското МНР тимот од Даблин да се врати во Скопје.
„Бараме министерството за надворешни работи на Македонија да ни овозможи вечерва од Даблин да се вратиме назад“, се вели во објавата.