На 15 август, пред точно 30 години, Брајан Дин од Шефилд Јунајтед го постигна првиот гол во историјата на Премиерлигата – новиот формат на елитната дивизија на Англија. Во следните 30 сезони, 4.488 фудбалери од 120 различни земји учествуваа во 11.646 натпревари во Премиерлигата.
50 различни клубови вкусија фудбал во англиската елита, а седум од нив ја освоија титулата во тој период. Квалитетот, динамиката и конкуренцијата во првенството го направија најпопуларен шампионат на глобално ниво. Натпреварите во Премиерлигата достигнуваат до 800 милиони домаќинства во 188 земји.
Вечерва почнува новата сезона во Премиерлигата, а честа да ја отворат ја имаат лондонските клубови Кристал Палас и Арсенал.
Со какви позиции и амбиции влегуваат клубовите во ова прво коло со кое започнува долгата битка за трофејот во Премиерлигата? Очекувањата на сите аналитичари се уште еднаш големата битка за првото место да се води меѓу добро познатите ривали Манчестер Сити и Ливерпул. Минатата сезона „граѓаните“ ја освоија титулата со само бод пред „црвените“, а интригата беше зачувана буквално до последното коло.
Тимот на Гвардиола на крајот издржа да ја освои титулата по четврти пат во последните пет сезони. Тимот сега е насочен кон кревање на трофејот третпат по ред. Досега ова му успеа само на Манчестер Јунајтед (црвените ѓаволи го постигнаа двапати – помеѓу 1999 и 2001 година и помеѓу 2007 и 2009 година). Сити се раздели со некои големи имиња ова лето како Рахим Стерлинг, Габриел Жесус, Олександр Зинченко и Фернандињо.
Сепак, „граѓаните“ и се засилија со многу квалитетни фудбалери – Ерлинг Халанд, Калвин Филипс и Хулијан Алварез. Како резервен голман беше донесен и Стефан Ортега. Останува да видиме дали ова ќе му донесе уште поголема предност на Манчестер Сити или на тимот ќе му треба повеќе време да се прилагоди на промените кои се неизбежни со присуството на фигура како Халанд.
Ливерпул минатата сезона се бореше за вкупно четири трофеи, освојувајќи два од нив – Лига купот и ФА Купот. Тие претрпеа разочарувања во Премиерлигата и во Лигата на шампионите, но тимот на Јирген Клоп досега постојано покажуваше дека тие разочарувања се способни да ги трансформираат во огромна мотивација за понатамошни успеси. Ливерпул веќе го зададе првиот удар против својот голем ривал, откако пред една недела го надигра и го победи Сити во пресметката за „Комјунити Шилд“. Сепак, ќе успеат ли „црвените“ да триумфираат на крајот од сезоната?
И Јирген Клоп сериозно го засили својот тим. Ливерпул се раздели со Садио Мане, како и со Дивок Ориги, Такуми Минамино и Неко Вилијамс, но на „Енфилд“ пристигна Дарвин Нуњез, кој веќе конкурира да биде значајна фигура, како и талентираните Фабио Карваљо и Калвин Ремзи.
Минатата сезона Челси имаше амбиција да се бори со Манчестер Сити и Ливерпул за врвот. Таа цел набрзо им побегна на лондончани, а сопственичките проблеми во клубот предизвикаа голема загриженост кај играчите и навивачите. Челси сепак успеа да го задржи третото место, а клубот сега има нов сопственик во Тод Боели, кој има амбиција да ги повтори успесите на Роман Абрамович. Проблемот е што сите овие процеси многу ја забавија селекцијата во клубот. Сепак, Челси досега направи два значајни трансфери, а ги доведе Рахим Стерлинг и Калиду Кулибали. Беше доведен и младиот Карни Чуквуемека. Сепак, Кристенсен, Рудигер и Ромелу Лукаку си заминаа и оставија голема дупка која ќе треба да се пополни до крајот на летниот преоден рок.
Сериозни амбиции за новата сезона имаат и големите ривали од северен Лондон, Тотенхем и Арсенал, кои минатата сезона водеа жестока битка за четвртото место. Со квалификациите на тимот за Лигата на шампионите, Антонио Конте направи прилично добар „шопинг“. Ришарлисон, Ив Бисума, Иван Перишиќ, Џед Спенс и Фрејзер Форстер беа купени, додека Клемент Ленгле е доведен на позајмица.
Микел Артета исто така ќе има многу поспособен состав со кој ќе се обиде да го врати Арсенал во Лигата на шампионите. Досега „топчиите“ ги доведоа Габриел Жесус, Олександр Зинченко, Фабио Виеира, Маркињос и Мет Тарнер.
Тука е и Манчестер Јунајтед, со нов менаџер Ерик тен Хаг, и со летната „драма“ околу (не)останувањето на Кристијано Роналдо. Прашање е дали и колку новиот шеф ќе може брзо да ги трансформира „црвените ѓаволи“. Кристијан Ериксен можеби ќе помогне многу во организацијата во средниот ред.
Почнува Премиерлигата, темпото е жестоко и теренот ќе покаже кој е најдобар.