Атлетико Мадрид во пријателски натпревар го декласираше Јувентус со 4:0, а првите три гола ги постигна поранешниот, а можеби и иден играч на Јувентус, Алваро Мората.
Тој во десеттата минута првпат ја погоди мрежата на „старата дама“. На 2:0 зголеми во 43. минута, а хет-трикот го комплетираше во 62. минута.
Конечниот резултат го постави Куња во 92. минута.
Тренерот на Јувентус, Масимилијано Алегри, се обидува да го врати Мората во Торино, а тој го потсети за каков врвен напаѓач се работи. Сепак, Атлетико ќе се согласи на договор само доколку комплетно го продаде 29-годишниот шпански фудбалер.
Мората последните две сезони ги мина на позајмица во Јувентус, а особено беше успешен во последната. Атлетико бара околу 35 милиони евра за Мората.