Светскиот шампион во тешка категорија, Тајсон Фјури вели дека се враќа на боксот со нов тренер за да комплетира „трилогија“ против британскиот сонародник Дерек Чисора.
Британецот во април, по победата над Дилијан Вајт на „Вембли“ изјави дека ветил на својата сопруга дека ќе се повлече од боксот, по што тврдеше дека ќе се врати за 500 милиони фунти, но сега ја смени приказната.
„Решив да се вратам на боксот бидејќи можам да бидам првиот тешкаш во историјата со две трилогии, една со Дионтеј Вајлдер и втора со Дерек Чисора. Секогаш велев дека на крајот на кариерата ќе боксувам со Чисора, бидејќи ќе ги срушам сите рекорди“, вели Фјури на Инстаграм.
Фјури, кој не е поразен во својата кариера, имаше реми со Вајдер во 2018 во првиот меч, по што го победи во римечите во 2020 и 2021. Тој го има победено 38-годишниот Чисора во 2011 и 2014 година.
Следната недела пак, Антони Џошуа ќе има римеч со Олександер Усик за ВБА, ВБО, ИБФ и ИБО појасите.