Top Sport

Гакпо ги предводеше Холанѓаните до тешка победа над импресивните Сенегалци

По повеќе од 80 минути игра во која изгледаше дека Сенегал е поблиску до победата, Коди Гакпо го постигна својот прв гол на еден Мундијал за да ги предводи Холанѓаните до важна 2:0 победа на стартот на СП за „оранје“.

Репрезентациите на Холандија и Сенегал не разочараа со фудбалот кој го покажаа,а Сенегалците и без својата прва ѕвезда, Садио Мане, кој не е достапен поради повреда, се покажаа како сериозен противник, со повеќе шанси пред холандскиот гол. Во првото полувреме, само одличната реакција на Виргил ван Дајк ги „спаси“ Холанѓаните, а и во второто полувреме, африканската репрезентација постојано беше опасна пред голот на Андрис Ноперт.

Меѓутоа, трите поени отидоа кај европската репрезентација, откако во 84. минута, Френки де Јонг фантастично му асистираше на младата ѕвезда на ПСВ Ајндховен, Коди Гакпо, кој беше оставен сам во шестнаесетникот и ја затресе мрежата со убав гол со глава. Победата беше потврдена во 9. минута од судиското продолжение, кога по обидот на Мемфис Депај кој беше одбранет, Дејви Класен ги постави конечните 2:0.

Со победата, Холанѓаните се израмнија со Еквадор на првото место на табелата во групата А, откако Еквадорците вчера на отварањето на шампионатот со 2:0 го совладаа домаќинот Катар. Во следното коло Сенегал ќе ги бара првите поени против Катар, додека „оранје“ ги чека еквадорскиот предизвик.

Графика: Sofascore за Топспорт.мк


Standings provided by Sofascore

Scroll to Top