Австриецот Штефан Крафт и Норвежанецот Халвор Егнер Гранеруд ја поделија победата на неделното натпреварување од Светскиот куп во Рука, Финска во необичен ден на големата скокалница.
Светскиот шампион Крафт, беше само четврт по првите скокови (140 метри), но потоа со скокот од 147 метри успеа да собере 304.5 поени, идентично како Гранеруд, кој имаше скокови од 139 и 145 метри. 29-годишниот Крафт претходно вчера беше втор зад Словенецот Анже Ланишек, а имаше и едно трето место на отварањето на сезоната во Полска. Третото место го освои Јапонецот наоки Накамура со 294.9 поени (144 и 139.5 метри).
Двојниот победник во Висла, Полјакот Давид Кубацки останува лидер во генерален пласман со 290 поени, пет поени пред Крафт, додека трет е Ланишек со 236 поени.