Легендарниот бразилски напаѓач, Роналдо Назарио тврди дека Бразил биле подготвени да го ангажираат Пеп Гвардиола како селектор на местото на Тите, пред Каталонецот да реши да го продолжи договорот со Манчестер сити.
По разочарувачкиот пораз на пенали од Хрватска во четврт-финалето, во Бразил се отвори темата за наследник на Тите, кој како што вети се повлече по крајот на Мундијалот, а во минатото Гвардиола коментираше дека би сакал да стане селектор на „селесао“. Според Роналдо, веќе постоеле контакти со луѓето на Гвардиола, но тој решил да продолжи со проектот во англиската Премиерлига и во ноември го продолжи договорот до 2025 година.
„Имаше интерес за Гвардиола, сите знаат за каков калибар на тренер се работи. Тие разговараа со неговиот тим, но тој повеќе сакаше да го продолжи договорот со Манчестер сити. И така ќе беше тешко за бразилската федерација (ЦБФ) да се договори тој, бидејќи во моментов е најплатениот тренер на светот“, вели Роналдо за каталонските медиуми.