Аргентина и Хрватска ќе играат во вторник од 20 часот во полуфиналето на Светското првенство во Катар. Аргентинците се надеваат дека капитенот, Лионел Меси, ќе ги однесе во финалето.
Рио Фердинанд, поранешниот англиски репрезентативец и ас на Манчестер јунајтед е воодушевен од настапите на Меси во Катар.
„Меси е најдобриот поединец досега на Светското првенство. Тој игра речиси како Бог. Никогаш не сум видел такво нешто“, изјави Фердинанд.
Еден од најдобрите играчи на сите времиња на пет натпревари во Катар постигна четири гола и забележа две асистенции. Беше директно вклучен во шест од деветте гола на „гаучосите“.
Меси пред Мундијалот најави дека ова ќе му биде последно СП. Напаѓачот на ПСЖ има 35 години, а во кариерата му недостига само светската титула. Досега има освоено еден голем трофеј со репрезентацијата, Копа Америка минатата година.