Поранешниот англиски репрезентативец Џејми Реднап побара од селекторот на репрезентацијата Герет Саутгејт да си поднесе оставка, пренесуваат британските медиуми.
Англија е елиминирана во четврт-финалето на Светското првенство во Катар од селекцијата на Франција.
„Саутгејт заврши солидна работа, но не треба да мислиме дека нема други тренери. Има многу од нив кои би ја завршиле истата работа. Секој млад менаџер од Премиер лигата би ја одвел Англија до четврт-финалето. На СП 2018 имавме многу среќа со противниците, а првата добра селекција, Хрватска, не исфрли. Добивме две добри селекции на ЕП Данска и Германија. Германија не ја мина групата на СП , исто како и Данска“, изјави Реднап.
Поранешниот играч на Ливерпул и син на прославениот менаџер Хари Реднап, истакна дека нови селектори на Англија би можеле да бидат Греам Потер, Френк Лампард или Стивен Џерард.