Шпанската новинарка Кристина Куберо, која на Твитер ја следат стотици илјади луѓе и која може да се пофали со огромно искуство во светот на спортот, направи голем гаф во емисијата „Ел Чирингито“, кога започна да ги набројува најголемите разочарувања на Светското првенство во Катар.
Новинарката била разочарана од Тони Крос, фудбалер кој не настапи во Катар, бидејќи пред шест месеци се повлече од германската репрезентација.
Куберо, која на својот Твитер наведува дека известувала од седум светски првенства, пет Олимписки игри, девет финалиња во Лигата на шампионите, гостуваше во ТВ емисијата „Ел Чирингито“.
На прашањето кој е најлошиот играч на СП за неа, таа рече дека тоа е Винисиус Жуниор. Бразилскиот репрезентативец се прости од Мундијалот по поразот од Хрватска во четвртфиналето. На турнирот тој постигна еден гол и забележа две асистенции. Потоа додаде: „И сите од германската репрезентација, како Тони Крос“.
Крос, кој во јули минатата година се прости од германската репрезентација, се пошегува на овој коментар.
Тој на Твитер напиша: „Знаев дека некој ќе ме обвини мене“.