Напаѓачот на Борусија Дортмунд, Јусуфа Мукоко, ќе паузира околу шест седмици, соопштија од клубот. Тој ќе го пропушти натпреварот од Лигата на шампионите со Челси како и другите важни натпревари за Борусија.
18-годишниот Мукоко има повреда на лигаментите на скочниот зглоб која ја заработи на мечот од Бундеслигата против Вердер Бремен.
„Ова е горчлива вест за него и за нас, особено во овој момент“, прокоментира спортскиот директор на Борусија, Себастијан Кел.
Мукоко, кој има два натпревари за германската репрезентација, оваа сезона постигна шест гола на 18 натпревари во Бундеслигата.