Трофејот од Купот на Македонија по една година пауза повторно дојде во рацете на Дамјан Стојановски. Капитенот на МЗТ Скопје Аеродром го крена победничкиот пехар откако неговиот тим во финалето славеше против Феникс 2010 со 89:73. Тоа е рекорден 11. трофеј во ова натпреварување за составот од Аеродром.
„Најважно ни беше да го освоиме Купот, затоа што завршниците секогаш се тешки за играње. Еден меч е, немаш право на кикс и секој секого може да го изненади. Затоа знаевме дека до крај мора да играме 100%, ако го сакаме пехарот. Ова беше добра претстава, добра организација. Вакви натпревари и полни сали ни се потребни, за македонската кошарка да оди напред“, изјави Дамјан Стојановски.