Олимпијакос не запира. „Црвено-белите“ од Пиреја вечерва ја продолжија долгата серија на победи во Евролигата, а најновиот триумф го остварија на гостувањето во Валенсија со 85:92.
Сега Олимпијакос по 25 кола има 18 победи и седум порази, го задржа првото место на табелата, а Валенсија им се приклучи на Партизан, Макаби, Жалгирис, и од вечерва и Басконија со ефект 13-12.
Папаниколау беше најефикасен во тимот на Олимпијакос со 22 поени, Везенков го следеше со 19 поени и седум скока, а Препелиќ со 21 и Веб со 14 поени беа најефикасни кај Валенсија.
Виртус пред своите гледачи ја совлада Басконија со 88:83. Српскиот плејмејкер Милош Теодосиќ беше најдобар во победничкиот тим со 17 поени и седум асистенции, а го следеа Белинели со 15 и Шенгелија со 12 постигнати поени.
Одличната партија на Гедраитис со 25 поени и седум скока не и беше доволна на Басконија.
Барселона го забележа четвртиот последовен триумф во Евролигата откако го совлада Монако со 80:70.
Саторански ја предводеше Барселона до победата со 15 поени, а го следеше Јан Весели со 12 поени и седум скока.
Ефес вечерва како гостин го совлада Асвел со 89:90. Toa е дванаесетта победа на актуелниот шампион на Европа, кој има натпревар помалку, додека Асвел го претрпе седумнаесеттиот пораз и остана на претпоследното место на табелата.
Домашните одиграа одлична втора четвртина, постигнаа 31 поен во тој дел од играта и поведоа, но Ефес направи пресврт во третата четвртина.
Без повредениот Мициќ, тимот на Ефес го предводеа Клајбурн со 20, Ларкин со 16 и Брајант со 14 поени и 10 скока.
Црвена Звезда доживеа пораз дома од Алба Берлин со 72:87. До победата Алба дојде во последните десет минути, во кои Црвена Звезда даде само 11 поени, а прими повеќе од двојно повеќе.
Ло беше најефикасен кај победникот со 24 поени, пред Олинде со 13 поени.