Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Ерик Тен Хаг, беше исклучително среќен по успехот од 4:1 против Бетис во осминафиналето во Лигата на Европа. Оваа победа дојде веднаш по кошмарниот пораз од Ливерпул од 7:0 во првенството и беше од големо значење за „црвените ѓаволи“.
Тренерот не го криеше задоволството од карактерот што го покажа неговиот тим во овој тежок момент.
„Мислам дека игравме добро во двете полувремиња. Во првото полувреме требаше да имаме 3:0, но направивме една грешка и беше 1:1. Постигнавме неколку добри голови, им дадовме на навивачите нешто да се радуваат и тие одлично одговорија со поддршката од трибините, за што сме им благодарни. Излеговме со правилен став. Добро ја движевме топката и создадовме многу шанси. Секогаш е убаво да се види како тим реагира во тежок момент. Не е првпат оваа сезона да треба да се рестартираме и да почнеме од почеток. Овој тим има карактер и тоа е голем комплимент“, изјави Тен Хаг.
Тој особено го пофали настапот на Ваут Вегхорст и особено на Бруно Фернандеш.
„Како напаѓач, Вегхорст беше блиску до голот на толку многу натпревари. Бруно беше фантастичен. Тој го водеше тимот со своја контрола на играта и одлични додавања. Конечно успеа да постигне гол и беше најдобриот играч на теренот“, изјави Холанѓанецот.