Себастијан Фетел не планира да се откаже без борба во борбата за титулата во Формула 1, откако асот на Ферари триумфираше на класичното Белгиско ГП во Спа, првата трка по долгата летна пауза во спортот, поминувајќи го освојувачот на пол-позицијата, Луис Хамилтон во Мерцедес во првиот круг.
Првиот круг беше хаотичен, како што честопати се случува на Белгиското ГП, откако Нико Хилкенберг се „прецени“ и го удри Фернандо Алонсо одзади, по што возачот на Мекларен прелета преку Шарл Леклер во Заубер, завршувајќи ја трката и предизвикувајќи излегување на безбедносното возило.
Пред тоа да излезе, Фетел со одличен потег го претекна Хамилтон, покажувајќи дека Ферарито е силно во директен дуел, по што до крајот на трката ја задржа предноста и при влегувањето во боксот. Со петтата победа оваа сезона, Германецот доби дополнителни 25 поени за со 214 на второто место да се доближи на 17 поени до Хамилтон, најавувајќи интересен втор дел од сезоната.
BREAKING: Sebastian Vettel wins the #BelgianGP – his third win at Spa, his fifth this season, and the 52nd of his career ? #F1 ?? pic.twitter.com/AY0nmkP3A5
— Formula 1 (@F1) August 26, 2018
Макс Ферстапен во Ред бул го освои последното место на подиумот на радост на илјадниците холандски фанови на трибините, откако неговиот колега Даниел Рикардо ја заврши трката предвреме по контактот со Кими Раиконен во првиот круг.
Валтери Ботас од последното место на стартот со својот Мерцедес стигна до четвртото место, пред двајцата возачи на проблематичниот тим на Форс Индија, Серхио Перез и Естебан Окон, додека во поени беа и Роман Грожан (Хас), Кевин Магнусен (Рено), Пјер Гасли (Торо росо) и Маркус Ериксон (Заубер).
Ф1 пилотите сега немаат многу време за одмор, бидејќи следува уште една трка на класична патека, Италијанското ГП во Монца.