Севилја е „мајстор“ за трофеи во Лига Европа и ќе продолжи во полуфиналето откако го елиминира фаворизираниот Манчестер Јунајтед. По ремито (2:2) на „Олд Трафорд“, шпанскиот тим го декласира Јунајтед со 3:0 на вечерашниот реванш. Катастрофалните грешки во одбраната на Манчестер Јунајтед продолжија, а тоа Севилја знаеше да го искористи.
Хари Мегваер направи почетничка грешка во осмата минута, а Јусеф Ен Несири ја претвори за водство за Севилја. На 2:0 зголеми Лоик Баде во 47.минута, а конечниот реултат го постави повторно Ен Несири, откако искористи подарок на Давид де Хеа.
Јувентус одигра 1:1 против Спортинг во Лисабон, ја сочува мининалната предност од Торино и се пласира во полуфиналето, а ќе се сретне токму со Севилја. Адриен Рабио обезбеди предност за италијанскиот тим со голот во деветтата минута, а израмни Маркус Едвардс од пенал во 20.минута.
Баер Леверкузен беше убедлив на гости против Ројал Унион, победи со 1:4 и во полуфиналето ќе го очекува подобриот од дуелот меѓу Рома и Феенорд, каде ќе се играат продолженија. Рома во 90.минута обезбеди дополнителни 30 минути со голот на Пауло Дибала.