Кошаркарскиот клуб Торонто му даде отказ на тренерот Ник Нурс, четири години откако тој ги предводеше Репторс до нивната прва и единствена титула во НБА лигата.
Нурс помина десет сезони во Торонто, првите пет како асистент. Како прв тренер на Репторс имаше ефект од 227 победи и 163 порази.
Последните три сезони не одеа како што планираше тимот, Торонто Репторс го пропуштија плеј-офот во 2021 година кога своите натпревари ги играа на Флорида поради пандемијата на коронавирус, во 2022 година загубија во првото коло од плеј-офот, а оваа година сезоната ја завршија во плеј-ин.
„Одлуката да се направи ваква промена никогаш не е лесна, особено кога станува збор за личност која е составен дел од историските достигнувања на франшизата“, изјави претседателот на клубот, Масаи Уџири.
Првото име што го споменуваат американските медиуми како наследник на Нурс на клупата на Торонто е поранешниот тренер на Бостон, Име Удока.
Удока, кој со години е близок со Уџири, минатата сезона ги предводеше Селтикс до финалето на НБА, пред да биде суспендиран поради непримерен однос со член на клубот.