Шарл Леклер лошо ја започна новата сезона во Формула 1. Леклер има договор со Ферари до 2024 година, но Хелмут Марко од Ред Бул тврди дека возачот од Монте Карло од наредната сезона бо можел да вози во друг тим. Тој посочи на клаузулата во договорот што ја има Леклер со Ферари.
По три трки сезонава, возачот од Монте Карло има само шест бода на своето конто. Заслуга за тоа може да се припише на сè; од грешките, лошиот болид и техничките проблеми, но факт е дека минатата сезона по овој дел од сезоната тој беше лидер во првенството со 71 бод.
Она што му создава дополнителни проблеми на Леклер е посебна клаузула која ја има во договорот. Имено, консултантот на Ред Бул, Хелмут Марко откри дека доколку Леклер не постигне одреден број бодови до летната пауза, договорот може да биде раскинат и тоа би му ја отворило вратата за преселба во друга екипа. Истата клаузула му овозможи на Себастијан Фетел да се пресели во Ферари во 2015 година.
„Во овој момент нема смисла Ферари да продолжи без Карлос Саинц, кој многу добро си ја врши работата, но ситуацијата со Леклер е нешто поинаква. Доколку нема одреден број бодови до паузата на лето, може да му биде раскинат договорот. Истото се случи во 2015 година кога Фетел се пресели во Ферари“, тврди Марко.
Иако Леклер во неколку наврати изјави дека сака да ја освои титулата со тимот за кој секогаш навивал, неговата иднина во Маранело стана неизвесна. Доколку италијанскиот тим сериозно ги разгледа можностите што ги има со оваа клаузула, многу е можно 25. годишникот следната сезона да го видиме во некој друг тим.