Мо Салах можеби е вистинска суперѕвезда во Европа и во својот роден Египет, но се наоѓа во незавидна ситуација да се бори со луѓето од Египетската фудбалска федерација (ЕФА), кои почнаа да се закануваат на неговата мајка, а него го нарекоа „бела свиња“.
Салах се бунтува против користењето на неговиот лик во комерцијални цели од федерацијата, конфликт кој започна летово, кога на авионот со кој репрезенативците патуваа на СП во Русија го имаше неговиот лик без дозвола. Оваа недела тој повторно се зачуди што никој од федерацијата не го повикал на разговор.
„Никогаш не сум барал посебен третман од ЕФА и не се гледам самиот себе како некој над моите соиграчи. Кога зборувам за проблемите, зборувам за сите. Не тераат да патуваме со економска класа, а другите африкански тимови патуваа со бизнис класа. Јас не сум капитен, но морам да зборувам“, изјави Салах.
Ова наиде на неочекувана реакција на луѓето од ЕФА. Најконтроверзна беше изјавата на Калед Латиф, член на бордот на ЕФА кој на Твитер му порача: „Сакам да го потсетам Мо Салах дека неговата мајка уште живее во Египет. Ти си надвор и можеш да правиш што сакаш. Тие кои разбираат, разбираат“.
Магди Абд Ел Гани, уште еден член на бордот на ЕФА, пак, го нарече Салах „бела свиња“ на Твитер, а подоцна го избриша постот.