Најкорисниот кошаркар (МВП) оваа сезона во Евролигата, Александар Везенков, по сѐ изгледа нема да игра во грчкиот Олимпијакос следната сезона. Тој ќе ја напушти и европската кошарка и ќе се пресели во НБА лигата.
Бугаринот ги предводеше „црвено-белите“ од Пиреја се до финалето на елитното европско натпреварување, но грчкиот клуб на крајот остана без титулата европски првак.
Крилниот кошаркар импресионираше со своите игри, а тие не останаа незабележани од Сакраменто Кингс, кои донесоа конечна одлука да го ангажираат, потврдија медиумите во Грција.
НБА тимот ќе одвои 1.500.000 евра колку што е откупната клаузула на 27-годишниот Везенков. Сакраменто на најкорисниот играч на Евролигата му нуди двегодишен договор вреден 4.500.000 евра по сезона, но можно е соработката да биде и двојно подолга.