Селекторот на фудбалската репрезентација на Германија, Ханси Флик, добил ултиматум од раководството на федерацијата. Тој ќе мора да ги подобри резултатите на националниот тим во наредниот период или во спротивно можеби и нема да го дочека Европското првенство на кое Германија е домаќин во 2024 година.
Како што пренесува „Билд“, Ханси Флик е на удар затоа што прави премногу експерименти со составот и никако не може да го пронајде победничкиот тим.
Германците немаат победа на последните четири натпревари, забележаа порази од Белгија, Полска и од Колумбија, а ремизираа со Украина.
Натпреварите во септември против Франција и против Јапонија се практично ултиматум за Флик, тој ќе треба да докаже дека е достоен за селекторското место.