Премиерлигашките клубови се загрижени за трансферот на Алан Сен-Максимен од Њукасл во Ал-Ахли од 30 милиони фунти, по обвинувањата дека се работи за вештачки „напумпана“ сума поради истиот сопственик, Саудискиот јавен инвестициски фонд (ПИФ), тврди „Атлетик“.
Според регулативите на Премиерлигата, сите трансфери од нд 1 милиони фунти се подложни на проверка за да не се надмине „пазарната вредност“. Клубовите се загрижени дека овој трансфер од 30 милиони фунти всушност ќе биде внесување на капитал во Њукасл, а не вистински трансфер.
Њукасл беше преземен од ПИФ во октомври 2021 година, а Премиерлигата го одобри договорот под услов клубот да не биде под контрола на државата Саудиска Арабија. ПИФ, пак, неодамна откупи 75 отсто од четирите клуба кои се основачи на Саудиската Про лига, вклучувајќи го и Ал-Ахли, по што се тргна на „офанзива“ на европскиот пазар со трансферите на Карим Бензема, Роберто Фирмино, Едуар Мнди, Калиду Кулибали, Н’Голо Канте и Рубен Невеш.