Конечната одлука околу тоа каде ќе се одигра првенствениот натпревар помеѓу Џирона и Барселона ќе ја донесат фудбалерите, соопшти Синдикатот на шпанските фудбалери (АФЕ). Ла Лига, според договорот што го има со компанијата „Релевент“, треба овој меч, на 27.јануари, да го организира во Мајами, САД.
Шпанската прва лига (Примера) има потпишано 15-годишен договор со „Релевент“, во кој стои дека оваа сезона еден натпревар треба да се одигра во САД.
На состанокот со челниците на Ла Лига, играчите преку АФЕ повториле дека чувствуваат „непријатност“ поради тие планови, бидејќи немаат информации што предвидува договорот со компанијата.
„Играчите, преку Синдикатот ќе бидат тие што ќе ја донесат конечната одлука дали тој натпревар ќе се игра во САД“, се наведува во соопштението.
Синдикатот го побарал извештајот за плановите на Ла Лига и „Релевент“, кој потоа преку капитените ќе им биде пренесен на играчите.
Фудбалскиот клуб Џирона објави дека натпревар против Барселона во САД би претставувал можност за експанзија и раст на клубот и целиот регион.
Градот Џирона се наоѓа, во Каталонија, северо-источно од Барселона.