Top Sport

Тензија меѓу Тухел и раководството на Баерн Минхен

Крајот на трансфер летото донесе сериозна тензија меѓу тренерот на Баерн, Томас Тухел, и раководството на баварскиот клуб, пишува „Билд“. Коментарите и постапките на стратегот предизвикаа незадоволство кај дел од членовите на управата на германскиот шампион.

Неуспешниот трансфер на Жоао Палиња во последен момент ја зголеми тензијата меѓу двете страни. Раководството на Баерн беше незадоволно и од коментарите на Тухел по победата од 2:1 над Борусија Менхенгладбах дека составот на тимот е мал и ограничен.

Во текот на летото, Тухел не криеше дека сака да ангажира дефанзивен играч за врска и покрај верувањето на извршниот директор на Баерн, Јан-Кристијан Дрисен и техничкиот директор Марко Непе дека тимот има само мала потреба од таков тип на играчи. Поради тоа, сега кога е затворен преодниот рок, се создава дополнителна нервоза што Тухел продолжува да притиска за дефанзивен играч за врска.

Од таборот на Баерн се надеваат дека Тухел сега ќе се фокусира на составот што го има наместо да коментира за неуспешните трансфери.

 

Scroll to Top