Најдобриот стрелец во историјата на англиската репрезентација, Вејн Руни открива дека сопственикот на Евертон, Фархад Мошири го „избркал“ од неговиот клуб од детството, по што тој најде „втор живот“ во Ди Си јунајтед во американската МЛС лига.
Руни се врати во Евертон во 2017 откако си замина од Манчестер јунајтед, но 32-годишниот ветеран одигра само една просечна сезона, по што се пресели во Вашингтон, каде што има четири гола и шест асистенции.
„Не беше лесно да се замине од Манчестер јунајтед. Но, таму не играв и тоа беше тешко, а Евертон беше совршено место за мене. Сакав да помогнам на мојот клуб од детството и да ги доближам до прва титула од 1995 година. Тоа беше мој сон од детството, но не се случи. Не се работеше за крај на кариерата во Евертон, туку обид да се крене мојот тим во првите шест. Мислам дека сопственикот реши дека не сум потребен. Сакаа да ослободат пари со мојот трансфер и преку весниците дознав дека Вашингтон се заинтересирани. Отидов кај Сем Алардајс и му кажав: ’Слушај, не сум дете, дали ме сакате тука?’. Да бидам фер кон него, тој беше единствениот искрен човек – ми кажа дека смета на мене и дека можеби нема да играм многу, но дека не е сигурен за газдата. Искрен одговор од газдата добив по три месеци. Но, имаше и позитивни работи – моите четири деца ме видоа како играм за Евертон. Постигнав гол против Ливерпул, го имав првиот хет-трик за Евертон. Но, си заминав тажен“, вели Руни во интервју за „Сандеј тајмс“.
Фото: ЕПА