Top Sport

„Газдите направија голема грешка кога платија 95 милиони за Антони“

Крилниот напаѓач на Манчестер јунајтед, Антони, имаше кошмарен почеток на сезоната. Бразилскиот репрезентативец минатата сезона беше доведен за 95 милиони евра од Ајакс. Јунајтед за него плати многу над цената што тогаш му ја одреди „Трансфермаркт“ (35 милиони евра), но тренерот на Манчестер јунајтед, Ерик тен Хаг беше убеден дека инвестицијата ќе се исплати. Тен Хаг му беше тренер на Антони во Ајакс.

Денес ситуацијата е поинаква. Антони оваа сезона одигра девет натпревари, од кои седум во првенството, нема постигнато, ниту пак запиша асистенција. Како воопшто Јунајтед дојде во ситуација да потроши толку пари на играч кој не му е корисен, објасни Гери Невил, легендарниот играч на Манчестер јунајтед.

„Клубот беше во паника и сопствениците ги прифатија предлозите да ги купат Касемиро и Антони. Сопствениците се виновни бидејќи им недостасуваше лидерство. Во Ајакс не можеа да веруваат дека Манчестер јунајтед им нуди толку пари. Антони мора да игра подобро, но тој трансфер не е вистинскиот потег во овие околности“, објасни Невил.

За свои стандарди, Манчестер јунајтед игра слабо. Во Премиер лигата има пет победи и пет порази. Во последниот натпревар лесно загуби на домашен терен од Манчестер сити со 0:3.

Што се однесува до Антони, тој имаше проблеми на почетокот на сезоната бидејќи неговата поранешна девојка го обвини за злоупотреба. Сепак, Тен Хаг го остави во тимот додека не се докаже дека е виновен.

Scroll to Top