Бразилскиот ветеран, Тиаго Силва потврди дека си заминува од Челзи на крајот на сезоната.
Силва, на лето го завршува својот четиригодишен мандат на „Стемфорд Бриџ“. Во Челси пристигна во 2020 година како слободен играч од ПСЖ.
Одлуката ја соопшти по поразот од Манчестер Сити во полуфиналето на ФА Купот, што беше последна шанса за него со трофеј да се збогува со купот.
„Наскоро ќе ја знаете мојата конечна одлука. Не сакам да кажам ништо официјално по поразот. Тажен сум поради резултатот, но порано или подоцна, одлуката ќе излезе во јавноста. Мојата одлука ја донесов во мојата глава, но не е вистинско време да го споделам“, рече Силва, апотоа навести дека заминува.
„Моите четири години овде не беа лоши. Не дека не верував во себе, туку поради мојата возраст, поради интензитетот на Премиер лигата. Не е вообичаено 39-годишник да игра на ова ниво. Не сакам да зборувам за себе, но така гледам на тие работи. Бев подготвен да играм и продолженија против Сити, бидејќи се уште уживам во фудбалот и физички одлично се чувствувам“.
Не е познато каде Бразилецот ќе ја продолжи кариерата, но сигурно е дека нема да се пензионира.