Францускиот репрезентативец Лоран Кошчелни објави дека повеќе нема да игра за националниот тим. Начинот на кој играчот на Арсенал објави дека се повлекува од репрезентацијата нема да им се допадне на челниците на Фудбалската федерација на Франција.
Кошчелни во своето обраќање рекол дека повеќе трауми доживеал од титулата што неговите колеги ја освоија на Светското првенство, отколку од тешката повреда. Дефанзивецот ги скина лигаментите во коленото, во мај годинава, за време на полу-финалните реванш во Лига Европа, против Атлетико во Мадрид.
„На Франција и дадов се што можев, а со репрезентацијата завршив. Победата на Франција на Светското првенство психолошки повеќе ме повреди од самата повреда. Селекторот ми се јави само еднаш, во септември за да ми го честита роденденот. Ме разочараа многумина, не само селекторот. Кога си здрав имаш многу пријатели, а кога си повреден луѓето порано или подоцна те забораваат. Во секој случај засекогаш ќе навивам за Франција, но нејзиниот дрес повеќе нема да го облечам“, рекол Кошчелни.
Дефанзивеџот последен пат за Франција настапи на пријателскиот натпревар против Русија, кој се одигра во март оваа година.
Во кариерата настапил на 51 натпревар за националниот тим, а со Франција играл на европските првенства во 2012 и 2016 година, како и на мундијалот во Бразил во 2014 година.