Неделата на Луис Суарез не можеше да биде подобра! Откако го прослави раѓањето на своето трето дете, уругвајскиот стрелец постигна хет-трик против лутиот ривал Реал Мадрид предводејќи ја Барселона до убедлива 5:1 победа на „Ноу Камп“.
Со шестата победа во 10 кола, Барселона се врати на првото место во Шпанија со 21 поени, огромни седум повеќе од Реал Мадрид на деветтото место, зголемувајќи ја кризата кај „кралскиот клуб“ и носејќи го тренерот Хулен Лопетеги пред отказ само три месеци откако седна на клупата на актуелниот шампион на Европа.
Без Лео Меси (повреда) и Кристијано Роналдо (замина во Италија), првото овосезонско „Ел класико“ бараше нов херој и го најде во ликот на Луис Суарез, кој одигра блескав натпревар и со хет-трик стави „сол“ на раната на Реал.
Барса рано дојде во предност, кога Филипе Кутињо беше најснаодлив во шестнаесетникот на Реал по една мешаница уште во 10. минута, а разликата беше 2:0 до полувремето, откако Суарез беше сигурен стрелец од белата точка по еден „нежен“ пенал во 30. минута, кога Реал полека ја враќаше рамнотежата.
Дека може да биде интересно се понадевавме во 50. минута, кога Марсело намали на 2:1, меѓутоа, финишот ги „дотепа“ „Лос Бланкос“. Суарез во 75. и 83. минута постигна два гола, за Артуро Видал, познатиот „антимадридиста“ да ги постави комплетните 5:1 во 87. минута.
Првата рунда (и тоа убедливо) е кај Каталонците. Сега на „Бернабеу“ ќе се бара одговор – за поразот, за слабата форма и за иднината на клубот. Во Барселона ќе се слави.
Фото: ЕПА