Фудбалерот на ПСЖ, Хвича Кварацхелија (25), се соочува со долга пауза откако ги скина предните вкрстени лигаменти (ACL) против Барселона.
Грузискиот репрезентативец објави емотивна порака во која открива колку повредата го погодила.
Пари Сен Жермен победи против Барселона со 4:2, но триумфот беше засенет од сериозни повреди.
Покрај Кварацхелија, надвор од теренот завршија и Усман Дембеле и капитенот Маркињос.
Сепак, најголемиот удар за францускиот шампион е повредата на грузискиот напаѓач, кого сега го очекува операција и долго закрепнување.
Кварацхелија мораше да го напушти теренот во 59-та минута, по дуелот со Чави Еспарт.
Кога падна, десното колено му се ротираше неприродно, а поради сериозноста на болката, не можеше да ја продолжи играта. Неговите соиграчи му помогнаа да излезе од теренот.
Грузискиот фудбалер објави емотивна порака во која откри дека пред секој натпревар имал само една молитва – да се врати здрав дома.
Овој пат, сепак, не беше така.
„Пред секој натпревар, едноставно го молам Бога да ми дозволи да се вратам дома здрав. Но, залудно. Не помина многу време, но едно прашање постојано ми се вртат во главата: зошто јас? Зошто јас?“, напиша Кварацхелија.
Потоа тој истакна колку темелно се подготвил за дуелот со Барселона.
„Во ниту еден момент не штедев труд. Веројатно се подготвив за овој натпревар подобро отколку за кој било претходен. Мислев дека сум подготвен за сè, но не и за ова“, рече играчот на ПСЖ.
И покрај сериозната повреда, Кварацхелија се обидува да најде сила и смисла во она што му се случи.
Во својата порака, тој нагласи дека е подготвен за тежок пат кон закрепнување ако неговото искуство значи дека другите фудбалери избегнале слична судбина.
„Сепак, разбирам дека Бог ме избра мене. Ако она што ми се случи ги поштеди другите фудбалери на теренот од слично искуство, јас сум подготвен да издржам болка, напорна работа, страдање и солзи“, напиша Грузиецот.
🚨🚨| This is the moment Kvaratskhelia may have suffered his ACL injury. 😢 pic.twitter.com/1aCwjUa5b5
— Kalshi FC (@KalshiFC) October 21, 2026
На крајот, тој вети дека ќе направи сè за да се врати уште посилен, заблагодарувајќи им се на сите што го поддржуваат.
„Знам дека морам да се вратам посилен поради моите најблиски, кои секогаш се со мене. Ќе дадам се од себе, можете да бидете сигурни во тоа. Нема да ве разочарам, ветувам. Нема да губам ниту секунда. Ви благодарам на сите за вашата поддршка. Ќе се видиме многу наскоро“, заклучи Кварацхелија.
Повредата на грузискиот репрезентативец е голем проблем за ПСЖ, со оглед на неговата важност во нападот на францускиот клуб.
Парижаните го доведоа од Наполи пред речиси две години за 80 милиони евра, додека неговата пазарна вредност, според „Трансфермаркт“ е 140 милиони евра.
Foto/ Depositphotos
