Тимот што изминатите неколку сезони доминира во првенството на Формула 1, Мерцедес, го претстави болидот за новата натпреварувачка сезона. Луис Хамилтон и Валтери Ботас, во средата го тестирале болидот со кој тимот ќе се обиде да ја освои шестата шампионска титула, кај возачите и конструкторите.
„2018 година беше извонредна, а јас имам чувство дека 2019 ќе биде уште подобра. Сакам да постигнам повеќе, сакам да одам напред. Полн сум со енергија, подготвен сум за напад“, рекол актуелниот светски првак Хамилтон.
Неговиот партнер, Ботас, ќе ја вози третата сезона во Мерцедес. Тој минатата сезона не успеа да победи на ниту една трка.
„Оваа година ќе одам на се или ништо. Бев неколку пати критикуван во 2018 година, но тие критики делуваа позитивно, ми дадоа мотив да бидам уште подобар“, рекол Финецот.
„Валтер знае дека ја има нашата поддршка. Со нетрпение чека да се врати во болидот за да им покаже на критичарите што за какви работи е способен. Новата Ф1 сезона ќе биде голем предизвик за сите нас. Има значителна промена на правилата, тргнуваме од почеток, мораме повторно да се докажеме во однос на сопствените очекувања и во однос на противниците“, се надоврзал шефот на тимот, Тото Волф.